
Европската Унија oдлучи на неодредено време да ги замрзне средствата на Русија во рамки на Унијата, додека Москва ги засили заканите за одмазда против „Евроклир“ (Euroclear), институцијата што чува најголем дел од имобилизираните пари на Кремљ, пренесува „Гардијан“.
Одлуката на ЕУ, донесена со користење на вонредни овластувања за имобилизација на 210 милијарди евра (185 милијарди фунти) од пари на руската централна банка, претставува значаен чекор кон нивно користење за поддршка на одбраната на Украина.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во петокот потврди дека лидерите на ЕУ ја исполниле обврската преземена во октомври — „руските средства да останат имобилизирани сѐ додека Русија не ја прекине својата агресивна војна против Украина и не ја надомести причинетата штета“.
Пред оваа одлука, санкциите на ЕУ врз кои се темелеше замрзнувањето на средствата мораа да се обновуваат на секои шест месеци, што создаваше можност влада наклонета кон Кремљ, како Унгарија, да стави вето.
Одлуката била донесена само неколку часа откако руската централна банка соопшти дека поднела тужба против „Евроклир“, белгиската централна депозитарна институција за хартии од вредност, која ги чува овие пари.
Од Евроклир одбија да коментираат, но портпарол изјави дека институцијата „моментално се соочува со повеќе од 100 правни постапки во Русија“.
Минатата недела Европската комисија предложи заем од 90 милијарди евра (79 милијарди фунти) за Украина, обезбеден со руските средства кои се имобилизирани во ЕУ уште од почетокот на целосната инвазија. Но, планот е блокиран од Белгија, која стравува од тужби од Москва и од можноста за заплена на белгиски средства во Русија.
