Во големата сала на Општина Берово денеска се одржа јавна дебата за дефинирање на приоритетите за претстојниот јавен повик за граѓански организации, чија објава е планирана на почетокот на 2026 година.
На настанот се обрати градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, кој изрази благодарност до Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за поддршката што преку Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 3 (ReLOaD3), финансирана од Европската унија, се обезбедува за јакнење на капацитетите на граѓанскиот сектор и реализација на проекти од локално значење.
На јавната дебата присуствуваа заинтересирани граѓани и претставници на граѓански организации, кои активно се вклучија во дискусијата и дадоа свои идеи, предлози и мислења за утврдување на приоритетите на ниво на Општина Берово.

-Целта на дебатата беше обезбедување транспарентен и инклузивен процес при креирањето на приоритетите за јавниот повик, како и подобро планирање и спроведување иницијативи насочени кон локален развој, заштита и унапредување на животната средина, социјална инклузија и други области од јавен интерес, информираа од Општина Берово.
Оттаму посочија дека дефинирањето на јасни приоритети претставува значаен чекор кон поефикасна поддршка на граѓанските иницијативи и одржлив локален развој.

