
Јавното претпријатие Паркинзи на општина Центар, организираше крводарителска акција по повод одбележување на 19 години од постоење на претпријатието.
Како што информираат оттаму, акцијата која се организира четврт пат по ред, се реализира во соработка со Црвениот крст и Институтот за трансфузиологија. Вработени и граѓани доброволно даруваа крв, уште еднаш потврдувајќи дека хуманоста и општествената одговорност се составен дел од работењето на претпријатието.
Директорот на ЈП Паркинзи на Општина Центар, Душко Коцевски, истакна дека ваквите активности имаат посебно значење за заедницата.
„Крводарителството е чин на хуманост кој директно спасува животи. Горди сме што по четврти пат организираме ваква акција и што нашите вработени и граѓаните секогаш покажуваат висока свест и солидарност. ЈП Паркинзи на Општина Центар и понатаму ќе биде активен партнер во сите иницијативи кои носат добро за заедницата“, рече тој.
Од претпријатието упатија искрена благодарност до сите крводарители, како и до Црвениот крст и Институтот за трансфузиологија за професионалната поддршка и одличната организација.
