Во соработка со Јавното претпријатие за комунални работи „Услуга“ – Берово, спроведена е акција за чистење на депонијата за градежен шут на локацијата позната како „Црвен Брег“, информира градоначалникот на Берово, Петар Ружински.
Со акцијата е отстранет насобраниот отпад, а просторот повторно е ставен во функција исклучиво за одлагање градежен отпад. Од Општина Берово потенцираат дека депонијата е наменета само за градежен шут и дека одлагањето на каков било друг вид отпад е строго забрането и казниво согласно законските прописи.

„Апелираме до граѓаните за совесно, одговорно и правилно одлагање на отпадот. Несовесното постапување со отпадот претставува сериозна закана за животната средина, здравјето на граѓаните и иднината на нашата заедница и мора да престане“, изјави Ружински.
Тој нагласи дека Берово и Малешевијата се препознатливи како еколошки чист крај и дека зачувувањето на ова природно богатство е заедничка обврска на сите.
„Со заеднички напори и одговорно однесување ќе придонесеме за поубаво, почисто и поздраво Берово. Чистата и уредна околина е заедничка одговорност“, додаде градоначалникот на Берово.
