Човекот чија препознатлива најава „Драган Б со точка Костиќ“, е врежана во Mакедонското радио и општество, почина денеска на 75 години по кусо боледување.
Во времето кога Радио Скопје, а потоа Македонското радио, беше незаобиколлив дел од живеењето на секое семејство во државава Драган Б. Костиќ се етаблира како водител во светот на рокенролот и другата музика кој го знаеше речиси секој човек. Неговата емисија „Диско селектор“ со децении беше водич во музиката и на младите и на постарите.

Поседувајќи огромна колекција плочи, главно набавувани во странство, Драган Б. Костиќ им ги претставуваше сите нови моменти, сите нови бранови, сите музички револуции, сите потсетувања на клучните музички моменти и од 50-те и 60-те за овдешната јавност да биде во тек со настаните во светот и културно да се образува и да го следи она што се случуваше на Западот.
Неговата „просветителска“ улога е речиси незаменлива за ова општество. Преку Драган Б. Костиќ македонската младина, а и повозрасните, се чувствуваа како дел од светот, особено во времето на социјализмот. Тогаш немаше ни интернет, немаше ни претстава дека такво нешто може да дојде, па едукацијата на Костиќ преку неговите емисии „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“ беа и меѓници и стожери.
И подоцна, кога веќе беше во пензија, тој не престана со својата „мисија“, ја имаше својата телевизиска емисија „Б со точка“ на ТВ 24.
„Диско селектор“ започна да се емитува во 1974 година и со текот на децениите стана музички белег на неколку генерации слушатели.
По повод 30 години од „Диско селектор“, во јуни 2004 година, Костиќ организираше голема музичка забава на лизгалиштето во Скопје, на која беа продадени околу 6.500 влезници – настан што и денес се памети како еден од најмасовните музички собири од тој тип.
Беше познат и како страстен и посветен колекционер на музика, со импозантна колекција од над еден милион аудио записи, која важи за една од најголемите во регионот.
Еве го неговиот препознатлив глас кој не’ водеше низ музиката цели 50 години, половина век музичка едукација.
Веста за смртта на Драган Б. Костиќ пред малку ја објави неговиот син Бане:
– „Со длабока тага ги известуваме роднините, пријателите и познаниците дека утринава почина Драган Костиќ, сопруг, татко и дедо, на 75-годишна возраст.
Последна почит ќе се одржи утре, недела, 21 декември од 12:30 – 13:30 во капелата на гробиштата Бутел.
Семејството изразува искрена и длабока благодарност до целиот тим и раководство на Државната неврохируршка клиника во Скопје, особено до д-р Благоја Шунтов, за грижата, посветеноста и хуманоста.
Нека му е вечна слава и спомен. Патувај мирно Диско Селекторе“, напиша на фејсбук неговиот син Бане Костиќ.

