Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави ново истражување за најтешката трагедија во македонската историја од независноста до денес – пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март годинава и во кој загинаа 62 претежно млади лица, а за што во тек е судски процес против 30-ина физички лица и 3 компании. ИРЛ објави детали од обдукциските наоди, кои според нив, откриваат дека 50-те жртви кои се водат како починати од јагледор диоксид, всушност е возможно да починале од труење со цијановодород што се ослободува кога гори полиуретански сунѓер. Жртвите, според ИРЛ, немале толку високо ниво на карбоксихемоглобин, што е индикатор за изложеност на јаглерод моноксид, за да починат од тоа. Обвинителите и вештаците по судска медицина го знаеле ова, но за време на истрагата не ги испитале присуствата на цијанид, пишува ИРЛ.
„Но, податоците врз кои се градени заклучоците на медицинските вештаци, а подоцна преточени во обвинение, отвораат прашања за веродостојноста за причините за смртта кај овие 50 жртви. Кај ниту една од нив нивото на јаглерод моноксид во крвта не ги достигнува фаталните од 60 до 70 проценти карбоксихемоглобин, кои според медицинската наука се потребни за да настапи смрт. Напротив, кај дел од починатите се утврдени нивоа од околу 5-6 проценти, вредности карактеристични за активни пушачи. Кај најголем дел концентрациите се движат меѓу 10 и 30 проценти, што предизвикува лесна до умерена интоксикација, но не и нагла смрт“, се вели во истражувањето.
Како што наведува медиумот, дополнителна индиција дека присутните биле изложени на цијанид доаѓа и од анализите направени кај повредените на Клиниката за токсикологија. Кај дел од нив лекарите утврдиле невообичаено високи нивоа на лактати во крвта, индиректен биомаркер кој укажува на нарушена клеточна оксигенација, типична за цијанидно труење.
„При вакви пониски нивоа на карбоксихемоглобин, морало да има уште еден токсичен гас како причинител на смртта“, вели за ИРЛ професорот Нико Беќаровски од Универзитетската клиника за токсикологија, кој бил дел од тимот што ги следел повредените по трагедијата.
Дополнителна индиција дека присутните биле изложени на цијанид доаѓа и од анализите направени кај повредените на Клиниката за токсикологија. Кај дел од нив лекарите утврдиле невообичаено високи нивоа на лактати во крвта, индиректен биомаркер кој укажува на нарушена клеточна оксигенација, типична за цијанидно труење.
И покрај овие индиции, во Институтот за судска медицина не биле направени токсиколошки анализи за присуство на цијанид во крвта на загинатите. Оттаму за ИРЛ не одговориле конкретно дали Јавното обвинителство побарало такви испитувања.
Како што понатаму пишува ИРЛ, најважниот материјал – сунѓерот за акустична изолација на таванот, кој според видеоснимките прв се пали од искрите на пиротехниката, не можел да биде земен за анализа бидејќи целосно изгорел во пожарот. Истражителите затоа ги обезбедиле фактурите од кратовската компанија „Силпен“, од каде што во 2012 година бил купен сунѓерот за звучна изолација, во количина од 95 килограми. Од компанијата побарале да им достават ист таков материјал. Анализите покажале дека не станува збор за графитен сунѓер, како што било наведено во проектната документација, туку за полиуретански сунѓер.
Полиуретанот е материјал без отпорност на оган, кој при согорување испушта густ, токсичен чад и водороден цијанид кој што е гас со исклучително брзо и смртоносно дејство. За разлика од јаглерод моноксидот, кој дејствува постепено и нема мирис, цијановодородот предизвикува нагла дезориентација, губење координација, парализа и смрт во рок од неколку минути. Слични симптоми какви што опишуваат и преживеаните од „Пулс“.
