Делчево ќе добие нова современа спортска сала во 2026 година
Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, најави дека во 2026 година градот ќе добие комплетно нова и современа спортска сала, проект од големо значење за развојот на спортот, младите и локалната заедница. Проектот се реализира со поддршка на Владата на Република Македонија, преку Министерството за спорт.

Во рамки на активностите, градоначалникот Гоцевски, заедно со стручни екипи од Министерството за спорт и Општина Делчево, изврши увид во постоечката спортска сала, која повеќе од 20 години се наоѓа во лоша и недостојна состојба. На терен беа разгледани сите потребни детали и чекори за целосна реконструкција и изградба на функционален, безбеден и модерен спортски објект.

Од општината посочуваат дека оваа инвестиција претставува вложување во иднината на децата, спортистите и спортските клубови, со цел Делчево да добие услови за спорт споредливи со оние во другите градови во државата.