Денеска градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, оствари средба со пингпонгарите од ППК „Зегин“, спортисти, кои со својата посветеност, дисциплина и континуирана работа, постигнуваат врвни резултати и се вбројуваат меѓу најдобрите, во светски рамки. Тие достојно ги бранат боите на клубот и на општината, а со својот талент и бројни успеси важат за фаворити, на натпреварувањата на кои настапуваат.

На средбата беа разгледани досегашните успеси на клубот, актуелните предизвици, како и идните планови и амбиции на спортистите.
Градоначалникот им упати искрени честитки за постигнатите резултати и ги охрабри да продолжат со истата посветеност и спортски дух, со уверување дека и во наредниот период ќе донесат успеси и ќе ја промовираат општината, на национално и меѓународно ниво.

Посебно беше истакната улогата на тренерот, кој со својата работа, значајно придонесува за континуираниот развој на пингпонгарите и за успехот на клубот. Во таа насока, тренерот на ППК „Зегин”, упати благодарност, за поддршката до градоначалникот, нагласувајќи дека таа претставува силен мотив и поттик за понатамошни спортски достигнувања.

Општина Берово продолжувада да го поддржува спортот и младите таленти, со цел унапредување на спортската инфраструктура, создавање подобри услови за работа и афирмација на спортските вредности во заедницата.
