
Русија ја обвини Украина за убиство на најмалку 27 лица во напад со дронови за време на новогодишна забава во хотел и кафуле во јужниот регион Херсон, кој е окупиран од Русија, објави Би-би-си.
Според регионалниот гувернер поставен од Русија, Владимир Салдо, повеќе од 30 лица се повредени во наводниот напад, за кој рече дека се случил во селото Корли на Црното Море.
Украина, во одговор на прашање од Би-Би-Си, соопшти дека нема директно да коментира на информации кои доаѓаат од претставници на окупираните региони. Сепак, украинските власти истакнаа дека земјата се придржува до меѓународното хуманитарно право и дека изведува напади исклучиво врз воени цели. Извор од украинските одбранбени сили, цитиран од агенцијата АФП, потврдил дека напад навистина се случил, но дека бил насочен кон воен собир кој бил затворен за цивили.
Би-Би-Си наведува дека не може независно да ги потврди тврдењата за нападот, ниту бројот на жртвите.
Салдо изјави дека лично го информирал рускиот претседател Владимир Путин за настанот. Во меѓувреме, Мисијата за мониторинг на човековите права на Обединетите нации во Украина соопшти дека е запознаена со наводите и дека ќе ги провери пријавените цивилни жртви и ќе извести за своите наоди во идните извештаи.
Рускиот истражен комитет соопшти дека отворил истрага за нападот.
