Делчево, 19 јануари – Со традиционална свечена црковна церемонија и во присуство на илјадници верници, денеска во Делчево беа осветени водите на реката Брегалница по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Најсреќен и највешт меѓу четириесетината момчиња кои се фрлија во студените води на Брегалница беше Бојан Ѓеоргиевски, кој успеа прв да стигне до светиот крст и да ја продолжи долгогодишната традиција на празничното чествување.
Традиционално, градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, на среќниот фаќач на крстот му додели парична награда во износ од 10.000 денари.
– Ме радува денешниот ден. Илјадници верници посведочија на чинот на осветување на водите на нашата убава река Брегалница, но и на храбрите четириесетина момчиња кои влегоа во студените води, продолжувајќи ја традицијата што носи благородна порака за Божјата благодет, прочистување, надеж и верба во доброто и заедништвото. Упатувам честитки до нашиот сограѓанин кој го фати светиот крст и му посакувам среќа нему и на неговото семејство, а благослов за целиот наш град. Нека е за многу години – истакна Гоцевски.
Видео: Delcevo 365.mk
Покрај општинската награда, Бојан Ѓеоргиевски доби и подарок од делчевската црква. Епископот Марко му подари икона и библија, а награди годинава обезбедија и општествено одговорните компании „Зегин“ и ММЦ „Прогрес“.
Свеченостите започнаа утрово во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, каде беше одржана богојавленска литургија со која чиноначалствуваше Неговото преосвештенство епископ г. Марко.
По завршувањето на церемонијата на реката Брегалница, во градскиот парк беше организиран музички хепенинг, а градоначалникот Гоцевски приреди и средба со поканети гости на која се разговараше за потенцијалите за понатамошен развој на Делчево.
Со масовната посетеност и достоинственото чествување, Делчево уште еднаш покажа дека ја негува вековната православна традиција и духот на заедништво.

