Новиот состав на Локалниот младински совет денеска ја одржа својата прва средба во Младинскиот центар во Делчево, кој воедно и официјално беше отворен и ставен во функција за младите од општината.
Со отворањето на Центарот, како што беше истакнато, се одговори на барањата на младите и се реализира првиот приоритет дефиниран на буџетските форуми за 2026 година.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, изрази задоволство од условите за работа и од значењето што Младинскиот центар ќе го има како сервис за младите.
„Денеска го отворивме Младинскиот центар кој треба да биде култно место за активните млади во Делчево, со што го решивме првиот приоритет кој произлезе од буџетските форуми за 2026 година. Со ова покажуваме дека ги слушаме потребите на граѓаните и одговараме на нивните барања. Од денес, младите во Делчево имаат свој простор каде ќе можат да ја насочат својата енергија и потенцијал, да бидат креативни и активни двигатели на општествениот живот“, истакна Гоцевски, најавувајќи континуирана поддршка за младинските идеи и иницијативи.

Младинскиот центар ќе функционира како отворен и инклузивен простор, достапен за сите млади, со цел поттикнување на нивната активност, вмрежување и активно учество во општествениот живот. Со работата на Центарот ќе раководи Организацијата ЖЕНА од Делчево.
Директорката на Организацијата ЖЕНА, Анита Цоневска, посочи дека Центарот ќе работи согласно Законот за младинско учество и младински политики и Програмата за работа за 2026 година.
„Преку обуки, работилници, психосоцијална поддршка, како и културни и креативни активности, сакаме да придонесеме кон личниот и професионалниот развој на младите. Нашата цел е тие да не бидат само корисници, туку активни креатори на позитивни промени во заедницата“, нагласи Цоневска.
На настанот присуствуваа и претседателот на Советот на Општина Делчево, Николчо Стојменовски, претставници на локалната самоуправа и на граѓанскиот сектор.
Отворањето на Младинскиот центар е обврска на Општина Делчево согласно Законот за младинско учество, кој е во сила од 2020 година.
Во продолжение изјавите на Милена Багевска, службеник за млади, Анита Цоневска од Организација ЖЕНА и Наталија Димитровска, координатор за млади.
