Велосипедистот Мартин Спасевски од Делчево е меѓу 500-те млади спортисти кои добија спортска стипендија „Спортска надеж“, што вчера ги додели Министерството за спорт. Ова претставува значаен успех и уште една потврда за квалитетот и потенцијалот на делчевскиот спорт.
Свеченото доделување се одржа во Македонската опера и балет, каде министерот за спорт Борко Ристовски ги врачи стипендиите на избраните спортисти од повеќе колективни и индивидуални спортови. Стипендијата изнесува 20 отсто од просечната плата во 2023 година, односно околу 8.000 денари месечно, и ќе се исплаќа во период од една година.
Министерот Ристовски истакна дека му е чест и задоволство што како министер може да поддржи 500 млади спортисти, нагласувајќи дека финансиската помош ќе биде значаен поттик за нивниот понатамошен спортски развој, без разлика дали станува збор за олимписки или неолимписки, индивидуални или колективни спортови.

Тој посочи и дека годинава е извршено прочистување на списокот на добитници, откако било утврдено дека дел од претходните корисници фиктивно биле пријавени и не се занимавале активно со спорт.
„Стипендиите се доделуваат по предлог на матичните федерации. Нашата цел е соработката со федерациите да се темели на резултати, доверба и нулта толеранција за корупција. Годинава 48 деца помалку добија стипендија, бидејќи се покажа дека не се активни спортисти“, изјави Ристовски.
Добивањето на оваа стипендија за Мартин Спасевски е силна мотивација за неговата спортска кариера и уште една позитивна вест за Делчево, кое продолжува да дава млади и перспективни спортисти на државно ниво.

