Вечерва во Јуроп хаус во 19 часот, ќе се одржи предавање на тема „Историјата на Ромите на Балканот“, во периодот од нивното доаѓање во средниот век по Првата светска војна.
Предавањето ќе го одржи историчарот, професор и познавач на историјата на Балканот, Бернар Лори, а модератор на настанот ќе биде м-р Даниел Петровски од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“.
„Низ темелен историски пристап, заснован на примарни извори од земјите од Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Северна Македонија, Бернар Лори ќе ги посочи динамиките на прилагодување, интеракција и коегзистенција помеѓу ромското и локалното население, разбивајќи ги предрасудите поврзани со нивната маргиналност. Бернар Лори е автор на делото „Ромите на Балканот, 1280–1914″ кое проследува неколку века социјална, економска и политичка историја на ромското население во регионот“, велат организаторите.
Настанот е отворен за широка публика – истражувачи, студенти, наставници, културни работници, како и за сите заинтересирани за историјата на Балканот, културната разновидност и општествените динамики во Југоисточна Европа.
За учество на настанот регистрацијата е во тек на овој линк.
