Започнува имплементацијата на проектот „Грантова шема за поддршка на зелени бизниси 2026–2030“, кој го спроведува Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, соопштуваат оттаму.
Како што е наведено во соопштението, станува збор за една од најобемните инвестиции во зелената економија во државата, насочена кон забрзување на зелената транзиција на малите и средни претпријатија.
На свеченото отворање се обратија претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски и амбасадорот на Европската Унија, г-дин Михалис Рокас, кои ја нагласија клучната улога на партнерството меѓу Европската Унија и Владата во унапредувањето на одржливиот економски развој и зелените политики во земјата.
Проектот располага со вкупен буџет од 25 милиони евра, од кои 18 милиони евра се обезбедени од Европската Унија, а 7 милиони евра од државниот буџет. Иницијативата е директно усогласена со целите за климатска неутралност на Европскиот зелен договор и Зелената агенда за Западен Балкан, преку поддршка на инвестиции што овозможуваат намалување на јаглеродниот отпечаток, поефикасно користење на ресурсите и усвојување на европски и меѓународни еколошки стандарди.
Директорката на ИНОВА, г-ѓа Даниела Димовска, истакна дека проектот претставува суштинска промена во пристапот кон економскиот развој.
„Зелениот раст повеќе не е прашање на избор, туку економска и цивилизациска нужност. Проектот ‘Зелени бизниси’ го гледаме како долгорочна интервенција што ќе ја зголеми конкурентноста на домашните компании и ќе ги позиционира како лидери на регионалните и европските пазари“, изјави Димовска.
Преку грантовата шема се очекува поддршка за најмалку 300 мали и средни претпријатија, мобилизирање на најмалку 8 милиони евра приватни инвестиции, како и воведување на ЕУ или меѓународни стандарди во најмалку 180 компании. Проектот има за цел и создавање најмалку 700 нови работни места, намалување на користењето на природните ресурси за 20 проценти и раст на прометот на поддржаните компании од најмалку 10 проценти.
