Блупринт групата за реформи во правосудството изразува сериозна загриженост за постапувањето на Владата на РСМ во врска со изборот на претставник во работната група за прелиминарна селекција на кандидати за член на Судскиот совет на Република Северна Македонија, наведено е во реакцијата испратена до медиумите.
„Согласно одредбите од новиот Закон за Судскиот совет постапката за избор на членови на Советот кои ги избира Собранието започнува со објавување јавен оглас, по што Комисијата за прашања на изборите и именувањата формира работна група за прелиминарна селекција. Законот јасно предвидува дека еден член на оваа работна група треба да биде предложен од граѓанскиот сектор од областа на владеењето на правото и правосудството, преку Советот за соработка меѓу Владата на РСМ и граѓанското општество, како единствено законски надлежно тело за таа намена. Но, во конкретниот случај, дописот од Собранието иако бил уредно доставен до Владата на Република Северна Македонија, во рамки на внатрешната распределба не бил проследен до Советот за соработка, туку до Кабинетот на претседателот на Владата, од каде што е извршена номинација на претставник. Ваквата постапка не е предвидена со новиот Закон за Судскиот совет и претставува директно заобиколување на законски утврдениот механизам за вклучување на граѓанските организации“, се наведува во реакцијата.
Како што се наведува, со ова сериозно се проблематизира усогласеноста на постапката со законските одредби, а воедно станува невозможно да се испочитува Деловникот на Советот за соработка и принципите на транспарентност и инклузивност.
„Дополнително, се создава опасен преседан Владата дискреционо да одлучува кој ќе ги претставува граѓанските организации, спротивно на јасната законска рамка. Потсетуваме дека новиот Закон за Судскиот совет беше донесен во декември 2025 година со јасна цел: да се отстранат утврдените слабости од претходниот закон, да се имплементираат препораките од Оценската мисија за функционирањето на Судскиот совет и да се обезбеди транспарентен, инклузивен и на заслуги заснован процес за избор на членови на Советот“, се наведува во реакцијата.
Блупринт групата апелира институциите да постапуваат со максимална одговорност, почитувајќи ги највисоките стандарди на независност и јавност, како дел од напорите за изградба на стабилен, професионален и независен правосуден систем.
„Ако не биде постапено согласно законските одредби, може да настанат сериозни импликации врз владеењето на правото, улогата на Советот за соработка и кредибилитетот на новите законски решенија кои предвидуваат вклученост на граѓанските организации. Почитувањето на законите и утврдените постапки мора да биде единствен императив доколку навистина се стремиме кон независен, професионален и кредибилен судски систем.
Довербата во правната држава се гради преку доследни и транспарентни постапки, особено кога се однесуваат на највисоките функции во правосудството“, се вели во соопштението.
Довербата во правната држава се гради преку доследни и транспарентни постапки, особено кога се однесуваат на највисоките функции во правосудството“, се вели во соопштението.
Блупринт групата за реформи во правосудството ја сочинуваат Институт за европска политика (ЕПИ), Институт за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Хелсиншки комитет за човекови права и Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА).
