АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки, a oва важи и за физичките и за правните лица, согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е на сила од 1 јануари. Пријавување случаи на небезбедна храна, храна со поминат рок или друг незаконски прекршок, може да се направи на овој линк. До пред стапувањето на сила на новиот закон, граѓаните и правните лица можеа да поднесуваат претставки и анонимно.
„Инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата. Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ“, велат оттаму.
Освен преку наведената контакт форма, неправилност може да се пријави и на info@fva.gov.mk, како и на pretstavki@fva.gov.mk, но и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Ако подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена.
