Вардарска долина ќе биде првата географска ознака која ќе се најде на етикетите на македонските вина. Територијата на земјава е поделена на три вински региони и 16 вински области, од кои најголем е винскиот регион Повардарие, каде се лоцирани 87% од винските насади и 90% од винариите. Процесот го координира новоформираната организација „Повардарски ВРВ“, која наскоро треба да биде призната како овластено тело за географска индикација и ќе треба да обезбеди институционална рамка за управување и спроведување на системот.
Географската ознака е симбол што се става на секое шише вино кое има специфично
географско потекло и соодветно ниво на квалитет и репутација кои произлегуваат од тоа
потекло.
Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршна директорка на „Вина на Македонија“, објаснува дека Системот за географска ознака не е само техничка процедура, туку и визија. Идејата за негово воведување постоела одамна, но дури во последните неколку години, со заедничка работа на винариите и поддршката од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), процесот добива конкретна форма.
„Само ако имаме Систем на географски ознаки воспоставен според стандардите на
Европската Унија, може да се сметаме за вистинска винска земја. Тоа не е само гаранција
за квалитет, туку и начин да се изгради имиџот на Македонија како винска дестинација“,
вели Младеновска-Јеленковиќ.
Во изминатите две и пол години интензивно се работи на воспоставување на Системот за
географска ознака. Во април 2024 година се донесоа неопходните измени во Законот за
вино, а во меѓувреме се спроведоа обуки за лозарите и винариите.
И годинава се очекува производството да достигне помеѓу 90 и 100 милиони литри, колку што изнесува просекот во изминатите 10 години. Најмалку 85 отсто од него ќе заврши на странските пазари.Ако во 2005 година, 92% од извезеното вино било наливно, денес околу една третина од виното што завршува на странските маркети и ресторани е во шише.
