„Добар ден на сите освен на министрите во Владата“, вака денес претседателот на претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов го започна денешниот протест пред Владата на кој ги повтори барањата на работниците за зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 100 евра.
„Денес на овој протест присутни се тројца повеќе луѓе од што налага Законот за јавни собири, односно има 24 претставници на ССМ, наспроти 24 министри што седат во Владата и што уживаат на сметка на 540 илјади работници“ посочи Трендафилов.
Трендадфилов очекува дека ќе наидат на разбирање на нивните барања, посочувајќи дека Владата на денешната седница има можност да донесе одлука за зголемување на платите на работниците, односно да предложи измени и дополнување на Законот за минимална плата.
„Упатуваме порака до Владата, денеска на седница сериозно да разговараат за барањата на работниците за зголемување на минималната плата на 600 евра и за сите останати плати за разликата од претходната минимална до новата минимална плата, или за најмалку 6 000 денари. Бараме да разговараат и да ги ослободат работодавачите од придонесите за задолжително социјално осигурување и со тоа да подадат рака на бизнисот“, изјави Трендафилов.
Посочи дека аргументите што ги изнеле минатата година на седниците на Економско-социјалниот совет не биле прифатени од Владата и од работодавачите во насока дека на секоја една затворена компанија се отвораат две нови, дека бројот на вработени од последното зголемување на минималната плата е зголемен, дека им создаваат капитал на газдите меѓу 5 000 до 10 000 евра на годишно ниво во нето-износ.
Во наредниот период до почетокот на идниот месец, рече дека не се исклучува можноста за организирање таргетирани блокади со 21 човек и во другите градови, со цел и таму да ги блокираат функционерите да доаѓаат пеш на работа.
Им даваат, како што рече, рок на владините претставници до крајот на месецот да кажат за колку пари ќе ја зголемат минималната плата и за колку пари се подготвени да ги зголемат сите останати работнички плати.
Во спротивно, најави голем штрајк во неработен ден во првата половина на март, токму пред законското формирање на висината на минималната плата.
