Семејството на премиерот Христијан Мицкоски не патувало до Сплит, Хрватска со службениот авион. Тој е користен исклучиво од премиерот, без семејна придружба за негови службени потреби, и во период од две години само за 4 патувања во соседството, одговори денеска Владата откако опозициската СДСМ побара да бидат објавени списоци на патници, кои патувале заедно со Мицкоски во владинот авион.
Од партијата реагираа на објавата на Владата дека авионот бил користен исклучиво во согласност со прописите и актите за негово користење, и дека секое користење е евидентирано и документирано, откако премиерот обелодени дека стариот државен авион го користел само неколупати, од кои еднаш и да се врати од одмор во Хрватска.
„Како можел во таков авион да го стави своето семејство и да ги ризикува нивните животи заради приватен одмор? Освен што злоупотребил државни ресурси за приватни потреби, го ставил ли и семејството во ризик?“, прашаа од СДСМ, по забелешките од Мицкоски дека патувањето со авионот е небезбедно.
Владата објави дека сака да набави нов владин авион, заради дотрајаноста на актуелниот, но се повлече по реакциите од опозицијата, која наводно ветила дека нема да го напаѓа предлогот.
„Актуелното владино летало од кое СДСМ и Венко Филипче правват евтин сензационализам е старо 20 години, купено 2005 година и од 2017 до сега се потрошени околу 4 милиони евра за поправки. Лицемерно е поведението на Филипче кој зад затворени врати го поддржа купувањето на новиот владин авион, а во јавноста се противи поради ситен партиски интерес и гол популизам“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
