По предлог на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, вчера на две лица, кои претходно беа сослушани во својство на осомничени, судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје им определи мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа. Како што информираат во јавното обвинителство, постојат основи на сомнение дека лицата преземале активности поврзани со запленетите 5 тони марихуана во Република Србија, поради што јавниот обвинител достави образложен предлог за определување краткотраен притвор.
„Барањето за определување на краткотрајниот притвор е со цел обезбедување на лицата и овозможување на доволно време на јавниот обвинител за преземање на неопходните процесни дејствија и донесување соодветна одлука за понатамошно постапување. Во вакви случаи, посебно кога се работи за предмети со поголема сложеност, како и предмети со меѓународен карактер, временските рокови често се ограничени, што ја оправдува примената на оваа мерка. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува со интензивно постапување во предметот и јавноста ќе биде навремено информирана за понатамошниот тек, согласно законските можности“, информираат денеска оттаму.
Заплената на околу пет тони марихуана во Србија отвори сериозна истрага за меѓународен криминален ланец во кој, според српските обвинителни органи, дрогата била набавена на територијата на Северна Македонија, а потоа транспортирана и складирана во Србија за понатамошна дистрибуција.
Српскиот суд на 1 февруари одреди притвор за три лица, за Н.С., Р.С. и И.Д. осомничени за неовластено производство и трговија со наркотични дроги. Притворот е изречен поради опасност од влијание врз сведоци, можност за повторување на делото и ризик по јавниот ред.
Истовремено, Обвинителството за организиран криминал распиша домашна и меѓународна потерница по Александар Мијајловиќ, кој се посочува како организатор на криминалната мрежа и кој, според информациите, е во бегство.
Според официјалните податоци, дрогата била набавувана во периодот од почетокот до крајот на јануари 2026 година во Северна Македонија, по што преку добро организирана мрежа била префрлана преку граница и складирана во објекти поврзани со семејството Спасојевиќ во Србија. Оттаму, марихуаната требало да продолжи кон нелегалниот пазар, со проценета вредност меѓу 7 и 10 милиони евра. Во рамки на акцијата, српската полиција запленила и автоматско оружје.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) пред три дена обвини дека и по 15 дена, нема одговори за, како што наведуваат, „најголемиот нарко-скандал во регионот“, прашувајќи како 5 тони дрога поминале преку македонската граница и кој ќе одговара.
Во партиското соопштение се посочува дека одговори нема од премиерот, ниту од надлежните министри и институции.
„Соочени со фактот за сопствената одговорност се впуштија во медиумска кампања и лицитираат со запленети 100 тони марихуана која според нив била нелегално произведена. Но, така заглавија уште подлабоко“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата тврдат дека доколку навистина биле произведени 100 тони марихуана, тоа значи дека станува збор за површина од над 30 хектари, што, според нив, е еквивалент на повеќе од 40 фудбалски стадиони.
„Кој дозволил толкава површина да се одгледува во Македонија? Зошто не била направена ниту една теренска контрола?“, прашуваат од СДСМ.
