„Ќе се повлечеме од набавка на нов владион авион и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и починеме, претпоставувам дека ќе стане јасно дека дебатата за некоја идна влада и идни премиери е беспредметна“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој денеска ги коментираше обвинувањата на опозициската партија СДСМ дека власта размислува за набавка на нов владин авион, наместо парите да ги пренасочи за плати на работниците кои протестираат за зголемување на минималната плата и за инфраструктурни проекти.
Мицкоски рече дека Владата ќе се откаже од набавката на нов воздухоплов иако авионот би требало да се користи и во иднина од некои следни влади, но и за хуманитарни мисии. Тој го критикуваше и лидерот на опозицијата Венко Филипче, за кој вели дека се согласил со потребата од нов воздухоплов, откако екипажот на владиониот авион информирал за неговата состојба и честите поправки.
Премиерот посочи дека досега авионот го користел четири пати, за патувања во Унгарија, Србија, Хрватска и Албанија.
