Во спортската сала Македонски Бранители во Берово, денеска започнаа Работнички спортски игри 2026, турнир во мал фудбал, кој се реализира во организација и под покровителство на Општина Берово.
Манифестацијата ја отвори градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, кој во своето обраќање истакна дека Работничките спортски игри не се само спортски натпревари, туку симбол на единство, колегијалност и взаемна поддршка.

– Токму на спортските терени се потврдува значењето на тимската работа, која е подеднакво важна и во институциите и во компаниите, како и во секојдневниот живот. Дисциплината, истрајноста и посветеноста се вредности што нè прават посилни како поединци, но и како заедница – истакна Ружински.
Тој додаде дека Работничките спортски игри претставуваат одлична можност за дружење, размена на искуства и градење нови партнерства меѓу учесниците, со заедничка цел – создавање здрава, активна и сплотена локална заедница, при што спортот учи на фер-игра, почит кон противникот и искрена радост за секој постигнат успех.

Во рамки на првото коло од турнирот во мал фудбал беа одиграни натпреварите помеѓу екипите на Образование – МВР, АРСМ – Фагус, Национални шуми Пехчево – Општина Берово и Здравствен дом – Приватни фирми и угостители, како и натпреварот Труд и социјала – Роми.
Работничките спортски игри ќе продолжат и во наредните денови, носејќи спортски дух, позитивна енергија и дружење меѓу сите учесници и посетители.
