Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера во Бор разговараше со граѓани, вклучително и со жена која, како што рече, била приморана во тој момент јавно да му признае на својот син дека му е старателка, бидејќи повеќе нема кому да се обрати за да го реши својот проблем и да ѝ дозволат да го посвои, пренесува „Н1“.
Мајката најпрво го изнесе проблемот со решението за социјална помош. Таа рече дека таа и сопругот не зеле ниту денар од државата сè додека не се разболеле, а нејзиниот сопруг, наведе таа, добил дијабетес од стрес поради болеста на нивниот син.
„Имам болно дете кое има вродена катаракта и е оперирано четири пати во Белград. Исто така се лекува во Клиничкиот центар во Ниш од висок крвен притисок и тахикардија. Пие лекови за притисок и за срце. Веќе три-четири години сме корисници на социјална помош. Последните девет месеци не примам ниту еден денар, а од Центарот за социјална работа ниту ми даваат решение, ниту некој ми кажува во што е проблемот. И не само јас, илјада луѓе чекаат решение“, рече таа.
Вучиќ ја праша дали знае дека Центарот за социјална работа ја проверува имотната состојба на корисниците, на што таа му одговори дека од имот имаат само куќа во која живее нивното тричлено семејство. Вучиќ ѝ вети дека некој ќе ја разгледа нејзината документација и дека одговор ќе добие од Белград до вторник.
Вучиќ инсистираше мајката да каже јавно во што е проблемот.
„Јас сум му старател. Не ми дозволуваат да го посвојам. Јас сум му тетка (по татко). Мајка му почина кога имаше 27 години. Имам целосна документација, ги исполнувам сите услови, но не ми дозволуваат да го посвојам“, рече таа, по што Вучиќ се фати за главата и рече дека тоа сега е сосема поинаков проблем.
„Не сакав да го кажам ова поради детето, кое сега еве дозна за ова од мене на ваков начин. Јас навистина му сум мајка. Го земав кога имаше седум месеци. Еве, сега на ваков начин дозна од мене дека сум му тетка. Го чувам 13 години. Маж ми и јас сме 30 години во брак, само него го имаме. Жал ми е што на ваков начин дозна од мене, но јас повеќе немам кому да се обратам“, рече жената.
Вучиќ рече дека и тој сега би заплакал со неа, но дека процедурите за посвојување се комплицирани и дека треба да се разговара тие да траат пократко. Тој вети дека некој ќе го разгледа нејзиниот проблем, на што таа му се заблагодари.
Емоционалната ситуација стана тема на социјалните мрежи. Студентите во блокадата на Медицинскиот факултет напишаа: „Живееме пекол“.