Судот во Инсбрук го прогласи 37-годишниот алпинист Томас П. за виновен за убиство од небрежност, откако ја оставил својата девојка на највисокиот врв во Австрија каде што таа подоцна починала, објави Гардијан.
Тој доби петмесечна условна казна и парична казна од 9.400 евра за смртта на 33-годишната Керстин Г., која починала во јануари 2025 година. Делото носи максимална затворска казна до три години.
Според судот во Инсбрук, девојката по целодневно искачување во екстремно студени услови заостанувала зад планираниот распоред. Кога стигнале на околу 50 метри под врвот, по зајдисонце, жената била исцрпена и немала сила да продолжи. Обвинетиот признал дека ја оставил на ветровит планински гребен за да побара помош.
Тој не успеал да објасни зошто не ја завиткал во ќебето или вреќата што ги носела во ранецот. Пред судот беше презентирана и снимка од нивното искачување, како и неговото самостојно спуштање.
Судијата Норберт Хофер оцени дека обвинетиот бил поискусен алпинист и дека требало навреме да процени дека неговата партнерка нема да може да го издржи искачувањето. Иако тој заминал по помош, судот заклучи дека со оглед на неговото поголемо искуство, сноси одговорност за нејзината смрт.
Томас П. се изјасни за невин и изјави дека „бесконечно жали“ за смртта на неговата девојка. Неговиот адвокат ја нарече ситуацијата „трагична несреќа“.
