Трансплантацијата е врв на медицината и на човечноста, беше истакнато на трибина одржана во Битола на тема „Органодарителство во Македонија“. Целта е, како што информираат во Министерството за здравство, да се отвори поширока јавна дискусија за значењето, предизвиците и етичките аспекти на трансплантацијата.
„На едно место беа обединети врвни медицински експерти, трансплантациски координатори, претставници на верските заедници, правници, како и пациенти и донори, сите со заедничка мисија: подигнување на свесноста и градење култура на донорство. Трансплантацијата е врв на медицината, но и врв на човечноста. Таа бара знаење, организација и систем, но пред сè доверба, солидарност и храброст. Секој спасен живот е доказ дека кога институциите, стручната фела и заедницата се обединети, надежта станува реалност. Подигнувањето на свесноста за донорството не е само избор, тоа е општествена одговорност и хуманост која може да спаси или да го подобри квалитетот на животот“, посочи проф. д-р Билјана Кузмановска, национална координаторка за трансплантација.
Таа ги појасни условите да се биде дарител, комплексноста на процедурите, но и подготвеноста на здравствениот систем за овие сложени трансплантациски процедури.
