По наредба на Основното јавно обвинителство Струга, истражни органи спроведуваат обемна постапка за утврдување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, од кое се снабдува со вода за пиење градот Струга, информираат во Основното јвно обвинителство (ОЈО).
При извршените контроли на терен, биле затекнати работни машини на две правни лица од селото Велешта, кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем, во непосредна близина на изворите. Според првичните информации, активностите се одвивале на парцели лоцирани во заштитното подрачје на водоснабдителниот систем.
„Поради основани сомненија за сторени кривични дела – „Незаконита експлоатација на минерални суровини“ по член 225-а и „Загадување на водата за пиење“ по член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Со предложените мерки се бара забрана правните лица да ги посетуваат парцелите каде што се вршеле ископите, како и целосна забрана за преземање какви било работни активности на тоа подрачје, сè до завршување на постапката.
Од Обвинителството информираат дека истрагата продолжува со интензивно прибирање докази и утврдување на евентуалната кривична одговорност за енормното загадување на изворите во Шум, со цел заштита на здравјето на граѓаните и обезбедување безбедна вода за пиење.
