Територијалната противпожарна единица Берово во соработка со Општина Берово денеска реализираше показна вежба за постапување во случај на пожар, со цел унапредување на оперативната подготвеност и координацијата при интервенции.
Вежбата се одржа во административен објект, каде беше симулирана ситуација на избувнат пожар, при што беа демонстрирани постапките за навремена дојава и координација со службите за итна интервенција, организирана и безбедна евакуација на вработените, пребарување и спасување на евентуално загрозени лица, како и гаснење на пожар во почетна фаза со преносни противпожарни апарати.
Покрај оперативниот сегмент, активноста имаше и едукативен карактер. Вработените во општинската зграда како што информираа од Општината имаа можност практично да се запознаат со процедурите за правилна реакција во кризна состојба и со основните техники на спасување.
-Посебен акцент беше ставен на обуката за користење на противпожарни апарати тип C9 (прашков апарат) и CO₂ апарати, при што беше демонстриран правилниот начин на активирање, изборот на соодветен апарат во зависност од видот на пожарот, одржувањето безбедна дистанца и насочувањето на млазот кон жариштето, како и мерките на претпазливост при употреба на CO₂ апарат во затворен простор, информираа од Општина Берово.
Од ТППЕ Берово додадоа дека со вакви активности се зајакнува свеста за значењето на превенцијата и навремената реакција, со што се намалуваат ризиците по животот и материјалните добра.
Оттаму посочуваат дека ќе продолжат со континуирана едукација, практични обуки и соработка со институциите во насока на зголемување на безбедноста на граѓаните.


