Со изградбата на експресниот пат од Страцин до Крива Паланка, со реконструкција на обиколницата во Крива Паланка и проширување и модернизирање на граничниот премин Деве Баир, целосно го развиваме источното крило на Коридор 8, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој денеска заедно со премиерот Христијан Мицкоски и директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски ја пуштија во употреба реконструираната обиколница на Крива Паланка.
Како што посочи Николоски, проектот е инвестиција вредна 1, 2 милион евра и е дел од Коридорот 8.
Тој потсети дека минатиот јануари беше пуштен експресниот пат од Крива Паланка до Страцин и ова е природно надоврзување на тој експресен пат, а во моментов интензивно се работи на осовременување, проширување и модернизирање на граничниот премин Деве Баир.
-Првата фаза треба да биде готова до јуни, се работи на реконструкција на постојните објекти и после јуни месец да влеземе во втора фаза што ќе значи проширување на граничниот премин. Со еден модернизиран и проширен граничен премин и со една модернизирана обиколница на Крива Планака и еден експресен пат кој оди од Крива Паланка до Страцин целосно се развива источното крило на Коридор 8 – потенцира вицепремиерот Николоски.
Тој истакна дека на овој Коридор во соработка со ЕУ во рамки на Планот за раст се бара најсоодветно решение за модернизација и од патниот дел на Страцин до Романовце, односно до Куманово. Во однос на железничкиот поврзување на Исток тој додаде:
-Интензивно веќе започнаа работите на железничкото поврзување на Крива Паланка со Скопје и со Софија. Потпишавме Договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а на фаза 2 веќе се задвижени работите иако таму имаме наследена ситуација од претходната Влада, изведувач кој не е одговорен, но со силен притисок работите се движат напред. Така што очекувам и за тој проект да дојдеме со добри вести што ќе значи Крива Планака да ја поврземе со Бељаковце и да имаме дневна линија воз од Крива Паланка до Скопје – потенцираше вицепремиерот Николоски.
Во периодот што следува овде, во регионот на Крива Паланка и овој дел од Македонија ќе влезат неколку стотици милиони евра инвестиции, за проекти што ќе ја поврзат Македонија и Коридорот 8 со соседите, а Крива Паланка е влезна точка на Коридорот 8, рече премиерот Христијан Мицкоски.
-Тие неколку стотици илјади евра во овој регион следат со трета фаза од пругата што ќе ја реализираме, забрзување на втората фаза, но и патната инфраструктура не останува нереновирана, нереконструирана. Новата делница што ќе биде обиколница околу Куманово, очекуваме Крива Паланка да ја направат развиен град, кадешто луѓето ќе бидат задоволни, ќе можат да го продолжат животот тука, нешто што претставува наша консолидирана владина цел. Истовремено, да можат луѓето да се вратат, оние што ги напуштиле своите домови, особено во Западна Европа, гледајќи дека не е така како што очекувале, гледајќи ги овие инвестиции, да се вратат тука, дома и да ја развиваме нашата економија, нашата држава, рече премиерот Мицкоски, особено во овој момент, вели, при актуелните случувања не само во Европа туку и пошироко во светот.
Посочи дека Владата продолжува да се фокусира на капиталните инвестиции, а приоритет на Владата се патничкото, железничко и енергетско поврзување на земјата, како раскрсница на два значајни коридори, 8 и 10, за што всушност е потврда и растот на бруто домашниот производ, како доказ за посветеноста на Владата на овие приоритети.
Тој додаде дека пуштањето на употреба на овој реконструиран пат, како и сите оние нови делници од коридорот 8 што ќе ги реализираме во периодот којшто следи, се начин, вели, да им се оддолжиме да граѓаните коишто ја даваат поддршката на оваа Влада и на ВМРО-ДПМНЕ.
Директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, рече дека овој проект е вистински пример дека кога сите ќе се организираат добро, можат да се реализираат проекти во зададениот рок.
Обиколницата е долга 4.5 километри, ширината на коловозот е 7.5 метри. Поставена е нова хоризонтална и вертикална сигнализација, направена е еластична ограда со ЕУ стандарди, реконструкција е извршена и на два Мостар, а 6 пропусти се исчистени и зајакнати, така што патот е изработен по сите стандарди и истиот овозможува побезбедно и сигурно возење, така што граѓаните можат да го користат како едно модерно реконструорано парно решение од коридорот 8, рече директорот на ЈСП, Коце Трајановски.

Посочи дека на одредени делови од обиколницата изваден е само еден слој асфалт,а поставен е нов, додека кадешто имало поголеми оштетувања, отстранети се и основниот и завршниот слој, патот е стабилизиран и соодветно реконструиран.
Изградбата на реализираше АД “Гранит”, а надзорот е на “Евроконсалтинг” и “Диви”.
Започнати се преговорите за продолжување на коридорот 8, од Страцин,преку Стрезовце до Романовце,со изградба на обиколница околу Куманово.Се работи на реконструкција на постојните и на нови патни решенија, што ќе придонесат за развој на Крива Паланка и регионот, рече Трајановски.
Проектот се реализираше преку Јавно претпријатие за државни патишта, а инвестицијата е вредна над 65,5 милиони денари.


