Ресторанот „Мис Стон“ од село Смојмирово донираше комплетна фудбалска опрема за сениорската екипа на Фудбалскиот клуб „Малеш“, информираше претседателот на клубот Петар Ружински.
Донацијата опфаќа дресови, тренерки, шушкавци и фудбалски топки, со што значително се подобруваат условите за тренинг и натпреварување на фудбалерите од беровскиот клуб.
Според Ружински, станува збор за значајна поддршка за локалниот спорт и за развојот на фудбалот во општината.
– Овој гест претставува голема помош за клубот и мотив за нашите фудбалери да продолжат со уште поголема посветеност. Поддршката од локалните компании е од исклучително значење за развојот на спортот и за мотивирање на спортистите да постигнуваат нови успеси, истакна Ружински.
Од клубот посочуваат дека со донацијата ресторанот „Мис Стон“ уште еднаш ја потврдува својата општествена одговорност и посветеност кон заедницата, особено кон младите спортисти кои ја претставуваат општината.
Од ФК „Малеш“ изразија надеж дека ваквата соработка со локалниот бизнис сектор ќе продолжи и во иднина, во интерес на развојот на спортот и поддршката на младите во општината.

