Во сабота на 14-ти март во црквата Св. Великомаченик Ѓорѓи во Кочани со архијерејска литургија и помен за загинатите, ќе почне одбележувањето на годишнината од најголемата трагедија во поновата историја на Македонија. Богослужбата ќе ја предводи Архиепискот Охридски и Македонски Стефан, заедно со надлежниот и митрополит Брегалнички Иларион. Потоа на градските гробишта ќе биде отслужено и опело за жртвите од трагичниот настан во дискотеката Пулс.
Владата, Здружението на граѓани 16 март и општината се подготвуваат за одбележување на овој настан со низа активности, со кои треба да им се оддаде почит на жртвите.
На 15 март се предвидени повеќе спортски и културни активности. Во 9 часот е предвидена рекреативна трка и велосипедска тура на релација Штип – Кочани во чест на загинатите 63 млади лица. Во исто време ќе започне и првиот меморијален планинарски марш „Ивона Антова и 63 ангели“, на релација на Пониква.
Истиот ден со почеток во 10 часот, во спортската сала кај Гимназијата во Кочани ќе се одржи кошаркарски турнир меѓу повредените во трагедијата.
Владата в сабота ќе организира Меѓународна конференција во чест на 63-те загубени животи.
На конференцијата планирани се панели на кои ќе се анализира одговорот на државата по пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“, но ќе се бара и начин како системот да се зајакне во иднина.
Општина Кочани во соработка со Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“ во кое се сплотени родителите организираат заедничко одбележување. Родителите и покрај болката и тагата со која се носат собраа сили да учествуваат достоинствено да се одбележи настанот – Денот на сеќавање 16.03.2025 година. Поканите до сите амбасади ги испратиле од здружението и дел од планираните активности во програмата се во нивна сопствена режија и на нивен трошок.
На 16 март минатата година во 02:32 избувна пожарот во дискотеката Пулс ко однесе 63 млади животи. Над 200 луѓе беа повредени, а во меѓувреме почнаа два судски процеси

