Ако годината продолжи вака, можеби ќе се најдеме дури и во првите три економии, што ќе значи дека стандардот и куповната моќ на граѓаните конечно ќе почнат да се чувствуваат, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на растот на БДП оваа и минатата година.
„Од страна на ботовите на опозицијата ќе бидам можеби исмејуван по социјалните медиуми, но ова се бројки од Евростат. Во 2025 како македонска економија забележавме раст на БДП кој нè сместува во првите пет во Европа. Во 2024 бевме во првите десет, а оваа година сме во првите пет. Ако оди вака како што почна годината, не би се изненадил да бидеме и во првите три. Што значи тоа, тоа значи дека конечно ќе почне полека, но сигурно да се чувствува и кај граѓаните, односно ќе се зголемува стандардот и куповната моќ“, кажа Мицкоски.
Според него има историско највисока реализација во првите два месеци на капитални инвестиции, а од она што е предвидено има 25% реализација.
„Околу над 10 милијарди, зборувам од централниот буџет, ако на тоа се додадат и инвестициите кои се во јавните претпријатија. Инвестициите на Јавното претпријатие за државни патишта, не влегува во оваа бројка. Тоа се дополнителни инвестиции. Останатите јавни претпријатија и акционерски друштва во сопственост на државата што инвестираат, не влегуваат во оваа бројка. Значи ова е само од централниот буџет, над 10 милијарди денари. Ако вака продолжиме, а приходите во буџетот се исто така на едно, би рекол неочекувано високо ниво во првите два, два и пол месеци еве скоро, очекувам оваа година и не би се изненадил да бидеме во првите три економии“, рече Мицкоски.
