Во дворот на Здравствениот дом ќе биде оформен парк што ќе го носи неговото име, а веќе е поставена и спомен-плоча кај Итната медицинска помош.
Општина Делчево ќе уреди парк во чест на Иле Гоцевски, возач во Итната медицинска помош во Кочани, кој несебично учествувал во спасувањето на повредените млади лица по трагичниот настан во дискотеката „Пулс“.
Како што информира градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, во негова чест веќе е поставена спомен-плоча веднаш до влезот на Итната медицинска помош во градот – место што ќе потсетува на неговото херојство и пожртвуваност.
„Со длабока почит се сеќаваме на нашиот сограѓанин Иле Гоцевски, кој утрото на 16 март беше на првата линија во спасувањето на повредените. По 40-часовна напорна и трауматична работа, тој починал на 17 март во својот дом“, напиша градоначалникот во објава на социјалните мрежи.
Според објавата, Гоцевски во текот на акцијата за спасување возел 11 пати до Клиничкиот центар во Скопје, а помагал и во пронаоѓањето и препознавањето на повредените деца.
Во негова чест, во дворот на Здравствениот дом во Делчево ќе биде уреден парк што ќе го носи неговото име. Од општината велат дека просторот ќе биде симболичен потсетник за идните генерации за хуманоста, професионалноста и пожртвуваноста во борбата да се спаси човечки живот.
„Со овој парк испраќаме порака дека вистинските херои се луѓето кои со својата добрина и професионалност оставаат траен белег во општеството“, наведува градоначалникот.
Името на Иле Гоцевски, како што се истакнува, ќе остане запаметено како симбол на тивкото херојство и хуманост.
