Финска повторно е најсреќна земја во светот, покажува најновиот извештај за среќа, кој истовремено предупредува на пад на благосостојбата кај младите поради прекумерна употреба на социјалните мрежи.
Извештајот, изработен од „University of Oxford Wellbeing Research Centre“ во соработка со Галуп и ОН, се базира на анкети со околу 100.000 луѓе во 140 земји.
Според резултатите, задоволството од животот кај младите под 25 години значително опаднало во изминатата деценија, особено во земји како САД, Канада и Австралија.
Истражувањето укажува дека интензивната употреба на социјалните мрежи е поврзана со пониска благосостојба кај младите, особено кај тинејџерките во англиското говорно подрачје и Западна Европа. Како клучни фактори се посочуваат платформите базирани на алгоритми, визуелна содржина и инфлуенсерска култура.
Според извештајот, користење на социјални мрежи повеќе од седум часа дневно е поврзано со значително пониско ниво на благосостојба. Во исто време, дел од испитаниците, особено студентите во САД, изразиле желба социјалните мрежи воопшто да не постојат.
„Ги користат затоа што и другите ги користат, но би претпочитале никој да не ги користи“, се наведува во извештајот.
Според извештајот, лицата кои користат социјални мрежи помалку од еден час дневно пријавуваат повисоко ниво на благосостојба дури и од оние кои воопшто не ги користат.
Во најновото рангирање, Северна Македонија се наоѓа на 82 место на листата за среќа по Венецуела и Либија а пред Алжир, Бугарија, Грција и Албанија.
