Универзитетската клиника за очни болести успешно реализираше трансплантации на рожница, во соработка со тим експерти од САД. Министерот за здравство, Азир Алиу денеска информира дека во рамки на посетата на американските експерти, успешно се реализирани вкупно 16 операции.
„Оваа посета претставува значајно продлабочување на соработката што ја воспоставивме со нив при првата посета, кога беа поставени темелите на ова партнерство. Со оваа втора фаза, не само што продолжуваме со зголемен обем на интервенции, туку и дополнително ги зајакнуваме капацитетите на домашните тимови, преку трансфер на знаење и примена на најсовремени, минимално инвазивни техники. Особено значајно е што кај 6 пациенти беа применети современи минимално-инванзивни техники, при кои се трансплантира само дел од рожницата со микронска прецизност и без примена на шевови. Овие процедури се реализираат првпат во офталмологијата во нашата земја“, истакна министерот Алиу.
Тој упати апел до сите граѓани дека органодарителството е чин на хуманост кој спасува животи, и посочи дека без донори, нема трансплантации.
„Токму затоа, работиме и на законски измени со кои ќе овозможиме секој граѓанин, додека е жив, да може да се изјасни дали сака да биде донор. Нашата цел е таа волја да биде примарна и целосно почитувана, а системот да биде транспарентен и доверлив“, додаде Алиу.
