Општина Делчево потпиша договор за соработка со ЕЛ КОЛЕКТ, со цел унапредување на системот за управување со опасен, електронски и електричен отпад на локално ниво.
Во рамки на договорот, општината доби 15 контејнери за мешан комунален отпад, како и шест сета за селекција на електронски и електричен отпад, наменети за собирање кабли, фенови, сијалици и мали апарати за домаќинство. Сетовите се распределени во двете основни училишта, детската градинка и средното општинско училиште во Делчево.
Како дел од активностите, денеска од страна на ЕЛ КОЛЕКТ беше испорачан и ЕКО магацин, кој привремено е поставен во дворот на ЈКП Брегалница, сè до обезбедување на трајна и соодветна локација.
Дополнително, поставен е и собирен центар за електричен и електронски отпад на локацијата на стариот градски пазар во Делчево, каде граѓаните ќе можат безбедно да го одложуваат отпадот од ваков вид.
Од општината информираат дека за поттикнување на селекцијата, на собирниот центар ќе има задолжено лице од ЈКП Брегалница, а контакт информации ќе бидат јавно истакнати.
Во текот на викендите, граѓаните ќе имаат можност отпадот да го оставаат покрај собирниот центар, по што задолженото лице дополнително ќе го внесе и соодветно ќе го одложи во рамки на центарот.
Со оваа соработка, Општина Делчево прави значаен чекор кон подобрување на еколошките стандарди и зголемување на јавната свест за правилно управување со отпадот.


