Приказна за храброст, истрајност и авантура, а не само за географска дистанца, беше претставена на инспиративната презентација „Од Хановер до Кина“, што се одржа во Ловен Дом Берово, каде публиката имаше можност одблиску да го доживее 11-месечното патување на германката Каи Анке Хорнбрук долго над 18.000 километри.
Настанот го отвори организаторот и презентер Тони Рочовски, кој со семејството долги години живее во Германија и се први соседи со германската авантуристка. Ваквите приказни според Рочовски се силна мотивација за сите кои се двоумат да ги следат своите соништа.
– Ова не е само патување од една до друга точка, туку приказна за храброст, истрајност и авантура. Особена чест ни е што денеска имаме можност да слушнеме искуства од едно вакво несекојдневно патување. Се надевам дека оваа средба ќе ве поттикне да ги остварите вашите соништа, колку и да изгледаат невозможни, истакна Рочовски.
Главната протагонистка на настанот, Анке Хоубрук, ги сподели своите искуства од патувањето кое го реализирала во рамки на т.н. „сабат година“, период во кој земала слободно од работните обврски како наставник.
– Се радувам што сум во вашата убава земја. На покана на мои драги пријатели од Хановер, дојдов овде и ми претставува големо задоволство што имам можност да ја запознаам оваа држава и да го раскажам моето патување од Хановер до Кина. Имав една година слободно од работа и ја искористив за оваа авантура, рече Хорнбрук.
Таа информираше дека патувањето го започнала од Хановер, Германија, движејќи се покрај течението на Дунав, преку Црното Море, Турција, Ерменија…Иран сè до Кина.
– Вкупно поминав низ 19 држави и повеќе од 18.000 километри. Дел од патувањето во Кина го продолжив со воз, а целата авантура заврши на крајот на јануари. Направив повеќе од 8.000 фотографии и креирав кратки видеа и мини-филмови преку кои го прикажувам патувањето, додаде таа.
Хорнбрук посочи дека за патувањето избрала постабилен велосипед, прилагоден за потежок терен, тежок околу 20 килограми, со дополнителен товар од околу 40 килограми.
– Тоа ми овозможи да бидам независна и да се движам низ различни зони, со можност да патувам и до една недела без дополнителна поддршка, истакна таа.
Присутните во Ловен Дом меѓу кои и градоначалниците на Берово и Пехчево, Петар Ружински и Александар Китански имаа можност да проследат дел од фотографиите и видеата од патувањето, а настанот предизвика голем интерес и позитивни реакции кај публиката, која инспирирана од приказната испрати силна порака за следење на сопствените соништа.


