Пехчево – Во Домот на културата „Јане Сандански“ за прв пат претставени книгите „Три точки…“ и „2001“, во рамки на богата културна вечер со поезија и уметност
Во Домот на културата „Јане Сандански“ во Пехчево се одржа промоција на двете поетски книги на Владо Ситновски, „Три точки…“ и „2001“. Промотор на книгите беше поетесата Христина Деолска, која пред присутните ја истакна уметничката вредност и поетскиот израз на авторот.
Ова беше првпат овие две изданија да бидат претставени токму во Пехчево, што на настанот му даде посебна културна тежина и значење.
Песните од книгите ги читаа Антица Јовевска, соработник на Домот на културата, како и ученици од седмо одделение при ООУ „Ванчо Китанов“ – Пехчево, под менторство на професорката Јулија Велковска, со што младата генерација активно се вклучи во промоцијата на поезијата.
Организаторите упатија благодарност до сите присутни за посетеноста и поддршката на настанот, кој помина во топла и инспиративна атмосфера.
Во рамки на истата вечер беше отворена и изложбата „Часослов“, во реализација на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ од Македонска Каменица. По поздравниот говор на директорката на Домот на културата, изложбата ја отвори директорот на фестивалот Миле Ѓорѓијоски од Делчево.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите во наредните 10 дена.


