Денес во Скопје, во 10 часот кај фонтаната „Лотос“, која беше старт и цел на трката, започна 14. издание на „Авицена женска трка“. Посветена на жените и нивната улога во спортот, трката се одржа со посебен режим на сообраќај на булеварот „Илинден“ во утринските часови.
Пред стартот се одржа аеробик загревање за учесничките. Настанот е во организација на Сојузот на спортови на Скопје, заедно со АК Скопски Маратон и АК Работнички, Град Скопје беше покровител.
По патеката долга 3 километри, најбрзо истрча Душица Јанковиќ, со резулатат од 11 минути и 24 секунди. На второ место се најде Викторија Тодоровска со резултат од 11 минути и 58 секунди, а третото место ѝ припадна на Емили Ивановска, која заврши за 12 минути и 6 секунди.
Организаторите доделија награди и за најбрзите учеснички во десет различни возрасни категории, а за прв пат годинава има и категорија за учеснички кои имаат над 80 години. По церемонијата на прогласување на победничките беше организирана и лотарија со извлекување стартни броеви, при што дел од учесничките добија подароци обезбедени од партнерите на настанот.
И ова издание на Авицена Женска трка потврди дека интересот за спорт и рекреација кај жените постојано расте, а со добра организација ваквите настани дополнително ја поттикнуваат свеста за здрав и активен начин на живот.
