Домот на извршниот директор на ОпенАИ, Сем Алтман, бил цел на напад со молотов коктел рано утрината во петокот во Сан Франциско, соопшти полицијата.
Според информациите, 20-годишен маж околу 4:12 часот наутро по локално време фрлил запаллива направа кон резиденцијата на Алтман во населбата Норт Бич. Предизвикан е пожар на надворешната капија, по што осомничениот побегнал пеш. Во инцидентот нема повредени.
Полицијата соопшти дека веднаш реагирала на пријавата за пожар, а околу еден час подоцна интервенирала и во деловен објект во квартот Мишн Беј, каде што се наоѓа седиштето на ОпенАИ, по дојава за лице кое се заканувало дека ќе ја запали зградата.
Полициските службеници го препознале осомничениот како истиот што претходно го извршил нападот врз домот на Алтман и веднаш го привеле. Неговиот идентитет засега не е објавен.
Од ОпенАИ го потврдија инцидентот, наведувајќи дека напаѓачот фрлил молотов коктел врз домот на Алтман и упатил закани кон седиштето на компанијата.
„За среќа, никој не е повреден. Благодарни сме за брзата реакција на полицијата и поддршката од градските власти за безбедноста на нашите вработени“, соопштија од компанијата, додавајќи дека осомничениот е во притвор и дека активно соработуваат со органите на прогонот.
Компанијата ги информирала своите вработени дека нема непосредна закана, но дека ќе биде засилено полициското и приватното обезбедување околу нивните канцеларии во Сан Франциско.
