Премиерот Христијан Мицкоски, на новинарско прашање рече дека новиот Закон за високо образование е поддржан од сите универзитети и нивните ректори додека сите политички „шпекуланти“ кои не го поддржуваат законот поради сомежи за нарушување на автономијата, според него, „импровизираат и манипулираат“.
„Тие во суштина се плашат од новите критериуми за избор во звање. Досега работевме по законот од 2018, период кога нашиот најстар универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), падна за 1000 места подолу на Шангајската листа, а сега не знам ни дали е рангиран. Тие сакаат да работат еден ден во неделата, да земаат плата од 120.000 денари, а да не напишат еден труд во годината. Што им е работата тогаш!? Тоа е исто како јас, премиер на Владата, да доаѓам само еден ден во неделата на работа, но да барам десет пати поголема плата и да не сносам никаква одговорност за ништо во државата“, изјави Мицкоски.
Во однос на платите на професорите, Мицкоски изјави дека Владата ги зголемила двојно во согласност со колективниот договор, но тие не покажувале доволна ангажираност.
„Знам дека ќе има критики, иако и јас сум редовен професор. Но, суштината е таа, професорите не сакаат да работат, сакаат да имаат шест часа неделно и да ги завршат во еден ден, да не напишат ниту еден научен труд, а да земаат од 130 до 150 илјади плата“, рече Мицкоски.
Во изјавата, Мицкоски порача дека ваквата пракса повеќе нема да продолжи и потсети дека работата на професорите и асистентите во високото образование се темели на три столба, наставен, научен и апликативен.
„Тоа е она коешто го барам. На одредени факултетит им пречеше базата Web of Science, па ја проширивме базата и со Scopus. Владата им овозможи бесплатен пристап до овие бази, така што не знам што повеќе треба да направиме. Мора да работат ако сакаат да имаме иднина како држава“, порача Мицкоски.
Мицкоски даваше изјава по повод поставувањето на камен темелник за доградба на основното училиште „Страшо Пинџур“ во Ѓорче Петров.
