Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, утрово е приведен под сомнение за проневера и злоупотреба на службена положба, поврзани со средства во износ од над 700.000 евра добиени од УЕФА за изградба на трибина во Охрид.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека акцијата е спроведена од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција, во координација со Основното јавно обвинителство во Скопје.
„Полициски службеници го лишија од слобода М.С. поради сомнение за сторени кривични дела – проневера и злоупотреба“, соопштија од МВР.
Од Обвинителството потврдија дека постапката е во тек и дека по наредба на јавен обвинител се преземаат дополнителни истражни дејствија, по чие завршување ќе бидат соопштени повеќе информации.
Сомнежи за начинот на работење на Сејдини претходно изнесе и новото раководство на Федерацијата, предводено од Масар Омерагиќ.
