Црногорскиот дневен весник „Побједа“ ги објави имињата на сите 87 мажи кои вчера се протерани од Црна Гора откако пристнале со чартер лет на „Ер Србија“ во Тиват каде утре се одржува Самитот ЕУ-Западен Балкан. Најголем дел од нив биле поврзани со владејачката партија во Србија, Српска Напредна Странка. Црногорската полиција и Агенцијата за национална безбедност најавија дека на сите овие лица ќе им биде изречена забрана за влез и престој во Црна Гора, пишува Побједа.
Безбедносните служби на Црна Гора наведуваат дека овие лица претставуваат ризик за националната безбедност земјата. Тие додаваат дека преземените мерки се поткрепуваат со фактите дека станува збор за лица кои присуствувале на бројни јавни собири со висок безбедносен ризик, како и дека некои од нив биле евидентирани за извршување кривични дела и прекршоци со елементи на насилство.
„Врз основа на безбедносни проверки, проценка на ризик и профилирање, со горенаведените лица е постапено во согласност со законот“, соопшти црногорската полиција.
Оттаму потсетуваат дека како дел од обемните, континуирани и интензивни активности што ги спроведуваат по повод Самитот ЕУ-Западен Балкан, на граничниот премин на аеродромот Тиват, се извршени зголемени гранични и безбедносни контроли, при што бил ставен под контрола чартер лет на релација Белград-Тиват, со кој во Црна Гора биле превезени 87 државјани на Република Србија.
„Како дел од активностите насочени кон зачувување на стабилна безбедносна ситуација, безбедносните служби навремено идентификуваа лица од безбедносен интерес и, во согласност со законските овластувања и проценетите ризици, презедоа соодветни службени мерки и дејствија со што им беше спречено на наведените лица да останат на територијата на Црна Гора, со доставување на решение за забрана за влез“, соопшти полицијата.
Авионот на „Ер Србија“ Е195 со кој слетале во Тиват вчера наутро, во 15:53 часот полетал назад за Белград. Патниците носеле транспаренти на кои пишувало „Србија победува“, имале уред за комуникација на далечина и радио станица, а во Тиват пристигнале еден ден пред Самитот на ЕУ.
Побједа пишува дека најголем дел од патниците на кои им е забранет влез во Црна Гора биле поврзани со Српската напредна странка (СНС), која по потреба ги ангажирала за митинзи, обезбедување партиски простории и организирање контрапротести.
Како што објави Побједа, според јавно достапните податоци, српската влада користела дел од лицата на списокот за да ги замолчи политичките дисиденти на стадионите и кошаркарските сали, опозициските и студентските протести, како и за дистрибуција на партиски памфлети и цртање графити на СНС.
Извор на црногорски „Вијести“, близок до безбедносните служби, рекол дека меѓу депортираните е Далибор Станојевиќ, познат во јавноста како Боске, кој во медиумите е идентификуван како лице блиско до владејачката структура на СНС. Станојевиќ, кој со години работел како обезбедувач на белградските сплавови, бил споменат во локалните медиуми дека минатата година, кога бил фотографиран за време на големите антирежимски студентски протести, ги нападнал собраните граѓани со метален кабел.
Исто така, како што пренесува Побједа, бил депортиран и Јован Кецман, познат како Цоје, кој, според јавно достапните информации, е поранешен водач на навивачката група „Корида“ од Нови Сад. Неколку медиуми објавија дека е осуден за обид за убиство на поранешниот полицаец Далибор Богдановиќ Бока по пукањето во Нови Сад во 2014 година. Според медиумите во Србија, Кецман ги обезбедувал просториите на СНС во Нови Сад во август минатата година.
Полициската управа му забранила влез и на Александар Јанковиќ, за кого медиумите во Србија минатата година пишуваа дека наводно бил испратен во Латвија на мисија во Рига за време на кошаркарско првенство со цел да ги дисциплинира навивачите на Србија кои „пумпале“ на натпреварите на репрезентацијата пред таа да биде елиминирана, пишува Побједа.
За Александар Јанковиќ, познат по прекарот Аца Хари, според Побједа, српските активисти тврделе дека тој бил „тепач во служба на СНС“ и дека бил задолжен и за „одбрана на знамето“ со црвен среден прст кое се појави во Белград на 21 јануари 2025 година, како одговор на владата на тт.н. „шарена револуција“.
Според Побједа, со сомнителниот чартер лет во Тиват пристигнал и Бојан Михајловиќ, поранешен ММА борец, а се споменувал во локалните медиуми како учесник во бројни тепачки, закани и организатор на сомнителни турнири.
Друг сомнителен патник бил Немања Нарачи за кого се верува дека е припадник на Минстесрството за внатрешни работи. Тој е обвинет за инцидент на 13 декември 2024 година, и се сомничи дека за време на протестот во Нови Сад, заедно со тројца други мажи во „Порше“ се пробиле низ граѓаните кои во тој момент ја блокирале раскрсницата, а потоа, откако го запреле возилото на неколку стотини метри оддалеченост, се вратиле физички да се пресметаат.
Понатаму, забранет му бил влез во Црна Гора и на Стефан Којовиќ, кој според српските медиуми, бил еден од ангажираните активисти на СНС кои нападнаа студенти со безбол палка за време на протестите. Тој е обвинет за напад врз студентот А.В. кому му ја скршил вилицата со безбол палка.
Забранет му бил влез и на Владан Виријевиќ, партиски кадар на СНС, државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија.
Целосниот список на лицата кои слетале во Тиват и биле депортирани назад во Србија погледнете го на сајтот на Побједа.
