Со изложбата „Пркосните 12“, поставена во КСП Центар Јадро во Скопје, беше заокружен тримесечниот инклузивен курс за фотографија организиран од граѓанската организација Пркос, под менторство на фотографот Драги Неделчевски.
Изложбата содржи 30 портретни фотографии создадени во рамки на две фотосесии реализирани за време на практичниот дел од курсот. На фотографиите се претставени самите учесници, кои во текот на програмата биле и фотографи и модели, создавајќи дела преку кои ја изразиле сопствената автентичност и креативност.
Во курсот учествувале дванаесет лица – Маја Цветаноска, Ирена Поповска, Љубинка Поповска, Вероника Љоровска, Марина Настевска, Сузана Стојановска, Никола Стојановски, Небојша Гелевски, Љубинка Брашнарска, Марија Савеска, Оливера Савеска и менторот Драги Неделчевски.
Според организаторите, програмата била замислена како простор во кој фотографијата ќе биде повеќе од уметничка дисциплина – средство за комуникација, меѓусебно запознавање и личен развој. Во текот на дванаесетте работилници учесниците не само што учеле за фотографијата, туку и граделе атмосфера на доверба, поддршка и заедништво.
Курсот бил инклузивен во секоја смисла на зборот, обединувајќи луѓе од различни генерации, со различни животни искуства, интереси и способности. Меѓу учесниците имало лица на возраст од 25 до 75 години, а токму различностите придонеле за создавање силна групна динамика и чувство на припадност.
Фотографот и ментор Драги Неделчевски истакнува дека и покрај неговото долгогодишно искуство во одржување курсеви и предавања за фотографија, оваа програма оставила посебен впечаток кај него. Според него, учесниците не биле само слушатели кои сакале да научат нешто ново, туку заедница која преку фотографијата создала простор за дружење, размена на идеи и заедничко учење.
Тој посочува дека низ предавањата и практичната работа се разговарало не само за техниките на фотографирање, туку и за животни теми, креативноста и личниот развој.
„Овие неколку месеци, овој курс, ова дружење, можеби е едно од најубавите нешта што ми се случиле во животот. Ова е искуство коешто мора да се доживее. Инклузија на дело, во својата најдобра форма“, вели менторот на курсот, фотографот Драги Неделчевски.
Практичниот дел од програмата вклучувал фотографирање во ентериер и екстериер, при што учесниците имале можност да се испробаат и зад и пред фотоапаратот.
Своите впечатоци ги споделуваат и учесниците на курсот. Маја Цветаноска оценува дека проектот покажал како инклузијата најпрво започнува како личен процес на прифаќање на различностите кај себе и кај другите.
Според неа, курсот придонел групата постепено да прерасне во заедница во која љубопитноста, почитта и рамноправноста биле основа за меѓусебните односи.
Учесничката Марија Савеска вели дека курсот ѝ овозможил да стекне нови знаења за историјата и техниките на фотографијата, но и да открие сопствени креативни способности. Таа нагласува дека најголем впечаток оставиле практичните работилници и позитивната атмосфера во групата, составена од лица со и без попреченост.
„На овој курс, со оваа група која израсна во заедница, ми се потврди уверувањето дека инклузијата е пред сè личен процес и став“, вели Цветаноска.
Организаторите оценуваат дека изложбата претставува документ за едно значајно човечко и креативно искуство, во кое фотографијата послужила како алатка за изразување, поврзување и рушење на бариерите меѓу луѓето.
Изложбата „Пркосните 12“ ќе биде отворена за посетителите од 12 до 19 јуни во КСП Центар Јадро во Скопје. Плакатот за настанот го дизајнирала учесничката Вероника Љоровска.
„Со тоа покажавме дека уметноста не познава граници и бариери“, вели Савеска, додавајќи дека курсот ѝ помогнал да открие сопствени способности и дополнително да ја развие љубовта кон фотографијата.
„Да се спојат и сплотат вакви, такви и онакви учесници од 25 до 75 години е вистинско задоволство. Всушност, тоа беше таа толку посакувана инклузија преточена во реалност.“
