Европскиот парламент денеска во Стразбур треба да гласа за конечната верзија на извештајот за напредокот на Македонија на патот кон Европската Унија на известувачот за нашата земја, европратеникот Томас Вајц.
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ја поздрави расправата во Европскиот парламент, оценувајќи дека пораките упатени од европратениците претставуваат силна потврда за европската перспектива на државата и дополнителен поттик за продолжување на реформскиот процес.
Во рамки на дебатата, известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, испрати охрабрувачки пораки за европската перспектива на државата, истакнувајќи дека земјата има капацитет и потенцијал да биде дел од следниот бран на проширување на Европската Унија.
Вајц нагласи дека Македонија е една од двете земји од поранешна Југославија која избегна масовно насилство, и дека, иако може да се каже дека земјата не ги спроведува реформите со најбрзо темпо и ЕУ даде ветувања што не ги исполни. Тој нагласи дека Македонија, има волја да ги спроведе потребните реформи и дека тоа треба да се награди.
„Ова е значајна порака која доаѓа во важен момент за нашата држава. Фактот што во Европскиот парламент се препознава напредокот на Македонија и се истакнува можноста земјата да стане следна членка на Европската Унија претставува охрабрување за сите институции да продолжат со уште посилно темпо на реформи. Европа ја гледа Македонија како дел од европското семејство, а наша обврска е преку резултати да ја оправдаме таа доверба“, изјави Сали.
Тој нагласи дека Владата останува целосно посветена на спроведувањето на реформите во владеењето на правото, јавната администрација, економскиот развој и зајакнувањето на демократските институции, како клучни предуслови за напредок во евроинтегративниот процес.
„Членството во Европската Унија не е само надворешнополитичка цел, туку стратешки избор кој носи посилни институции, економски развој и повеќе можности за граѓаните. Нашата европска перспектива е јасна и остварлива. Денешната дебата во Европскиот парламент е потврда дека местото на Македонија е во Европската Унија. Наша одговорност е преку реформи, резултати и политичка зрелост да го искористиме овој моментум и да ја приближиме државата до полноправно членство во европското семејство“, истакна Сали.
Во однос на сите прашања разгледувани во рамки на Извештајот, Сали нагласи дека Македонија останува посветена на европските вредности, добрососедските односи и конструктивниот дијалог, во согласност со преговарачката рамка и принципите на Европската Унија.
Европратениците треба да се изјаснат и за извештаите за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора. Известувачите на Европскиот парламент за петте земји од Западен Балкан вчера ги презентираа извештаите на пленарната сесија, а во дебатата учествуваше и комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.
