Франција воведе забрана за продажба и консумација на алкохол на дел од јавните настани во рамки на националниот музички фестивал „Fête de la Musique“ поради топлотниот бран, објави Би-Би-Си.
Годишните прослави на „Fête de la Musique“ привлекуваат милиони луѓе на улиците низ цела Франција. Но, со оглед на тоа што една третина од земјата e предупредена за топлотен бран, владата ја забрани консумацијата на алкохол на јавни места.
„За сите настани организирани од државата и нејзините агенции, дадени се упатства да не се нуди алкохол“, соопшти канцеларијата на Себастијан Лекорну.
Во недела се очекуваат температури од 39-40°C а во некои области е можно да се достигне до 41°C.
Се предвидува дека температурите ќе достигнат врв во понеделник.
Владата апелира граѓаните да ја ограничат консумацијата на алкохол со цел да се намали бројот на итни интервенции и да се олесни работата на здравствениот систем, кој е под зголемен притисок.
Поради екстремните температури откажани се десетици возови, дел од училиштата ја прекинаа наставата, а локалните власти во Париз држат паркови и градини отворени и во текот на ноќта за олеснување на граѓаните и туристите. Fête de la Musique се одржува повеќе од 40 години и традиционално го означува почетокот на летото со прослави низ целата земја.
