Министерот за здравство Азир Алиу соопшти дека Владата ја усвоила иницијативата за формирање Центар за итна медицинска помош Скопје, кој треба да овозможи побрз и поефикасен одговор при итни случаи.
Според Алиу, службата за Итна медицинска помош ќе биде издвоена како самостојна институција, што ќе овозможи подобро управување со ресурсите, посебно буџетско планирање и побрзо донесување одлуки.
Во првата фаза ќе биде формиран самостоен Центар за итна медицинска помош во Скопје, а подоцна постепено ќе бидат интегрирани и останатите служби во рамки на новиот систем.
„Одвојувањето на Итната медицинска помош претставува значајна системска реформа насочена кон зајакнување на организациската и оперативната самостојност на службата. Со формирањето самостоен Центар за итна медицинска помош ќе се овозможи поефикасно управување со ресурсите, посебно буџетско планирање, побрзо донесување одлуки и подобрување на одговорот на итните повици. Предложената реформа не претставува создавање нов систем, туку институционално зајакнување и модернизација на постојната организација за подобро планирање на ресурсите, инвестициите и кадровскиот развој“, изјави Алиу.
Тој, предходно во интервју за „4ТВ“ откри дека вработените во Итната помош преку камери во реално време, од терен или од самото возило ќе може да комуницираат со специјалистите или супсцецијалистите од болниците, и на тој начин искусните лекари ќе може да помогнат од дистанца.
Набавката пак, на 100 нови возила за Итната помош е во завршна фаза и се очекува во наредниот месец и половина да пристигнат.
„ Доколку нема некои непредвидени административни компликации, кои кај нас знаат да ги одложат работите, очекувам максимум за месец и пол до два сè да биде завршено и возилата да пристигнат“, изјави Алиу.
Истовремено, Министерството подготвува и дигитален портал преку кој граѓаните ќе можат да ја следат состојбата на листите за чекање операции. Пациентите ќе имаат преглед на термините и нема да зависат од информациите коишто ги добиваат од лекарите, што според министерот, ќе го намали просторот за манипулации и притисоци да побараат приватно лекување.
„Пациентите нѐ информираат дека докторот им велел ќе чекате три месеци за операција на државно, но ако сакате побрзо, дојдете утре по 16:00 часот во приватниот термин и веднаш ќе ве оперираме. Проблемот тука не е цената на приватната услуга, туку недоволната информираност на пациентот. Јас како лекар можам да ви кажам дека сте 105-ти на ред, а вие немате начин да проверите дали е тоа точно. За да го решиме овој притисок, креиравме нов дигитален портал преку кој секој граѓанин од својот мобилен телефон ќе може точно да види колкава е реалната листа за чекање кај конкретен доктор“, рече Алиу.
Тој, соопшти и дека со новиот здраствен систем пациентите ќе имаат контрола врз своите медицински податоци и сами да одредат кои информации ќе бидат достапни за одредени лекари и кој пристапува до нивните податоци.
„Новиот систем ќе му овозможи на секој пациент во реално време да види кој профил пристапувал до неговите податоци. Дури и кога одите кај матичен лекар, ќе имате опција да сокриете дел од податоците кои не сакате да бидат видливи“, изјави Алиу.
