Кичево мора поактивно да се вклучи во националните процеси на енергетска трансформација бидејќи успешната праведна транзиција бара силни локални институции, активно учество на граѓаните, транспарентно управување со средствата и поголема улога на општините во креирањето на политиките за развој на регионите зависни од јаглен.
На форумот на заедницата организиран од Еко-свест во соработка со локалните партнери, општина Кичево и месната заедница Белица, претставници на институции, општини, ТЕЦ Осломеј, бизнис секторот, синдикатите, граѓанските организации и образовните институции беше потенцирано дека мора да се активира Локалниот економско-социјален совет (ЛЕСС) Кичево кој е формиран уште во 2016 година, меѓутоа е неактивен.
„Потребно е поголемо вклучување на општините во подготовката на националните стратегии и планови. Регионите со јаглен имаат потреба од дополнителни финансиски средства, подобра инфраструктура и јавен транспорт за економски развој – изјави Дарко Белески, раководите на сектор ЛЕР во општина Кичево.
Како приоритетни можности за развој беа посочени индустриските развојни зони, обновливите извори на енергија, земјоделството, пчеларството и туризмот.
Беше потенцирано дека Кичевскиот регион располага со значителен туристички и културен потенцијал кој треба системски да се поддржи. Воедно беше укажано и на потребата од зајакнување на електроенергетската инфраструктура и подобрување на условите за развој на локалното претприемништво.
„Еко-свест уште во 2020 работеше на повеќе сценарија и анализи за алтернативен економски развој на Кичевскиот регион заедно со претставници на локалните заедници. Мапиравме бројни природни и културни атракции кои воопшто не се искористени. Кичевчани многу добро ги препознаваат овие потенцијали и токму затоа мора да бидат активно вклучено во носењето одлуки за трансформацијата на регионот. – рече Елена Николовска од Еко-свест.
Како позитивен пример беа претставени искуствата на ЛЕСС Битола, каде активното вклучување на локалните институции, синдикатите и граѓанските организации придонесе за посилно учество на регионот во националните процеси на праведна транзиција. Во таа насока беше најавена иницијатива за формирање мрежа на ЛЕССови на национално ниво и обезбедување стабилно финансирање за нивното функционирање.
