Околу 20 осудени лица кои не боледуваат од психичко заболување биле затекнати во Форензичкото одделение на психијатриската болница „Демир Хисар“ при контрола што во декември 2025 година ја спровел Тимот на Националниот превентивен механизам (НПМ) при Народниот правобранител.
Според заменичката народен правобранител Соња Трифуновска, постојат сериозни сомнежи дека дел од овие лица, преку спорни судско-психијатриски вештачења и лажни наоди успеале да избегнат издржување затворски казни.
Трифуновска изјави дека ваквата состојба создава сериозни проблеми во функционирањето на Форензичкото одделение во болницата, бидејќи здравствениот персонал е принуден, покрај својата терапевтска работа, да врши и безбедносни задачи.
„Тимот на НПМ доби наводи за случаи во коишто беа изразени сомнежи за професионализмот при одредени вештачења со кои, наместо правосилни затворски казни, лицата заради својата психичка состојба (наводна непресметливост) се упатуваат на Форензичкото одделение во оваа болница. Токму овие случаи се и проблематичните за коишто персоналот нема соодветно решение и начин како да ги третира,“ кажа Трифуновска.
