Николоски потенцира дека државата забележува рекордна статистика во растот на туризмот преку авиосообраќајот во услови на светска криза потенцирајќи дека тоа е исклучителен успех што е препознаен од страна на Светската банка.
„Успехот и растот на авиосообраќајот во Македонија се нотирани во анализата на Светската банка за раст на туризам. Со раст од 40 проценти на годишно ниво, Македонија е препознаена како најдобар пример за држава со најголем раст на патници на пристигнување во Европа и Централна Азија“, наведува Николоски.
Со мерката за субвенционирање нови авиолинии и успесите што ги постигнуваме, укажува тој, Македонија е позиционирана на врвот во привлекување нови туристи и придвижување на економијата преку туризмот.
„Овие успеси се потврдуваат и преку работата на охридскиот аеродром, каде што само во еден ден опслужени се рекордно над три илјади патници, што за аеродром од овој тип е огромен успех. Продолжуваме во следниот период со уште повеќе инвестиции во авиосообраќајот и туризмот“, напиша министерот за транспорт во објавата.
