Политичката коалиција ВЛЕН упати остри критики до ДУИ, обвинувајќи ја дека по две децении учество во власта се обидува да ги преземе заслугите за инфраструктурните проекти што денес се реализираат.
Од ВЛЕН велат дека разликата меѓу двете политички опции е видлива – додека ДУИ, според нив, со години најавувала автопати, патишта и инвестиции, сегашната власт ги претвора проектите во активни градилишта.
„ВЛЕН не зборува само за проекти, ВЛЕН ги гради“, се наведува во партиското соопштение.
Како примери ги посочуваат изградбата на автопатската делница кон Гостивар, напредокот на поврзувањето кон Кичево, започнатата изградба на автопатското поврзување со Косово и работите на Коридорот 8.
„Она што со години беше цртано на мапи, најавувано на прес-конференции и користено како изборно ветување, денес е претворено во градилиште. Додека ДУИ се фотографира, ВЛЕН работи на терен“, порачаа од коалицијата.
Од ВЛЕН реагираат и на тврдењата на ДУИ дека токму поранешната владејачка партија ги обезбедила парите за големите инфраструктурни проекти.
„Ако сè било обезбедено, зошто овие проекти не беа изградени во изминатите 20 години? Каде беа тие пари и зошто западниот дел на земјата остана со тесни патишта, опасни точки, недовршени траси и инфраструктура што не ги задоволуваше потребите на граѓаните?“, прашуваат од ВЛЕН.
